21.09.2012
Инвестирањето во урбанизација и уредување на слободните јавни површини преку изградба на нови спортски и детски содржини стана препознатлив бренд на општината Кисела Вода. Реконструирањето и изградбата на нови повеќенаменски спортски и детски игралишта се врвен приоритет на општинската администрација. За тоа говорат големиот број реконструирани и нови спортски игралишта и новите детски игралишта, кои општината во изминатиот период ги изгради, дел од нив се во завршна фаза на изградба, а некои од нив ќе започнат со градба во периодот што следи. Градоначалникот на општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев денеска свечено ги предаде во употреба реконструираното повеќенаменско спортско игралиште (за фудбал и кошарка) и новоизграденото детско игралиште во состав на фудбалското игралиште “Славија” во населбата Пржино.

,,Овој спортски центар е во сопственост на Кисела Вода. Покрај фудбалското игралиште решивме да го конструираме и повеќенаменското спортско игралиште со нови кошеви нова заштитна ограда во висина од 6 метра. Ние изградивме и едно детско игралиште зашто тука како што гледате има два влеза и од две страни жителите на Пржино, најмалите можат да ги практикуваат своите детски игри” – изјави градоначалникот Марјан Ѓорчев. “Јас мислам дека ова катче во иднина треба да прерасне во еден голем спортски центар, тука имаме можности за хотел имаме можности за базен, и може да биде дури и национален центар на Македонскиот олимписки комитет. Тоа го понудивме на МОК, одговор чекаме од нив, од директорот Владимир Богоевски, од инвеститори. А дотогаш дечињата од ова училиште и дечињата од Пржино ќе можат да го користат” – заврши тој.

Реконструкцијата на повеќенаменското спортско игралиште опфати поставување на два нови коша, реконструкција на головите, поставување на заштитна ограда висока 6 метри со должина од 25 метри и преобележување на теренот.

Овој дел на населбата Пржино светна во ново руво и со изградбата на ново детско игралиште, на кое најмногу се радуваа децата од подрачното основно училиште “Кузман Јосифовски – Питу”. Детското игралиште е изградено на површина од 100 квадратни метри, поставени се повеќе детски реквизити, урбана опрема, а се изградија и пешачки патеки.

Следната седмица, општината во овој дел ќе изгради и нова чешма(фонтана), со што целиот комплекс ќе претставува вистинско место за одмор, рекреација и забава за сите граѓани.
Во следниот период општината Кисела Вода ќе започне со изградба на детско игралиште во населбата 11-ти Октомври – бараки, а свечено ќе биде предадено во употреба и новото повеќенаменско спортско игралиште во нас. 11-ти Октомври – згради.

|